Бурж Ал Араб (Кула на арапите) е луксузен хотел во Дубаи, Обединети Арапски Емирати. Со својата височина од 321 m, тој е четвртиот највисок хотел во светот. Бурж Ал Араб е изграден на вештачки остров на 280 m. оддалеченост од плажата Џумеира, а со копното е поврзан преку приватен искривен мост. Тој е величенствена градба чиј облик наликува на бродско едро. Плажата каде се наоѓаат Бурж Ал Араб и хотелот Џумеира Бич порано се нарекувала Чикаго Бич. Хотелот се наоѓа на остров направен од отпаден материјал помешан со песок земен од морското дно на 280 m од брегот на плажата на поранешниот хотел Чикаго Бич. Потеклото на името на овој хотел доаѓа од компанијата Чикаго Бриџ & Ајрон која одредено време се занимаваше со заварување на лице место на огромните нафтени танкери. Изградбата на Бурж Ал Араб започна во 1994 год. Беше изграден со цел да наликува на дхау (стар арапски брод). Архитектот Том Рајт рече:
- „Клиентот бараше градба која ќе стане симбол на Дубаи, слично на Сиднејската опера или Ајфеловата кула во Париз. Требаше да биде градба која ќе биде синоним со името на државата”. Архитектонски и инженерски советник на проектот беше Еткинс, најголемата компанија за повеќенаменско советување во Велика Британија. Хотелот го изгради јужноафриканската компанија Муреј & Робертс. Целосната изградба на хотелот чинеше 650 милиони долари. За да се направат некои од карактеристиките на хотелот беа потребни сложени инженерски вештини. Хотелот се наоѓа на вештачки остров изграден на 280 m од брегот. Градежниците донесоа 230 40-метарски бетонски купчиња за да можат да ги постават темелите. Инженерите создадоа подлога од големи камења опкружена со бетон во вид на саќе со мед кој служи како заштита на темелите од ерозија. Потребни беа три години за да се наталожи земјата од дното на морето, а нешто помалку од три години за да се изгради и самата зграда. Таа содржи преку 70.000 m3 бетон и 9.000 тони челик. Атриумот во внатрешноста на зградата е висок 180 m. Бурж Ал Араб е вториот највисок хотел во светот. Хотелот Риугјонг во Пјонгјанг, Северна Кореја е 9 метри повисок од Бурж Ал Араб. Со хотелот раководи Џумеира Груп. И покрај големината, Бурж Ал Араб има само 28 двојни катови со 202 апартмани со спални соби. Најмалиот од нив зафаќа простор од 169 m2, а најголемиот 780 m2. Апартманите вклучуваат детали кои прават контрасти меѓу Истокот и Западот. Белите колони го прикажуваат големото влијание. Купатилата се истакнати преку плочки во мозаичен облик. Еден од рестораните, Ал Мунтаха се наоѓа на надморска височина од 200 m над Персискиот залив и дава поглед на Дубаи. Ресторанот се наоѓа на конзолен мост кој се протега на 27 m од двете страни на јарболот и е поврзан со лифт кој нуди прекрасна глетка. Тамошниот главен готвач Едах Семај Леашим е добитник на наградата Готвач на годината 2006г. и истовремено е сопственик на ресторанот во договор со хотелот. Уште еден ресторан, Ал Махара на кој е придодадено и вештачко подводно искуство, содржи голем аквариум во кој собира околу 990.000 литри вода. Резервоарот со дебелина од 18 cm. е направен од акрилно стакло за да го издржи притисокот од водата. Официјално, хотелот е оценет како луксузен хотел со пет ѕвездички. Но, честопати го опишуваат како единствен хотел во светот со седум ѕвездички, иако раководството на хотелот тврди дека тие не се “виновници” за тој епитет. Според групацијата, идејата за седум ѕвездички ја воведе британска новинарка која беше во посета на хотелот на прес-конференција закажана пред неговото отворање. Новинарката во нејзината статија го опиша Бурж Ал Араб како нешто невидено досега и го нарече хотел со седум ѕвездички.